Регистарот на лекови на Република Македонија, кој за првпат излегува како стручна публикација на Бирото за лекови и Министерството за здравство содржи важни информации за регистрираните лекови, неопходни за лекарите, стоматолозите и фармацевтите во секојдневното работење.
Во рамките на дејноста на Бирото за лекови, една од основните задачи се однесува на обезбедување информации на здравствените работници за регистрираните лекови во Република Македонија, а врз основа на Законот за лекови и медицински помагала.
Со издавањето на Фармакотерапевтскиот прирачник, а сега и со Регистарот на лекови, заокружена е една целина во фармако-информативниот систем во Република Македонија.
Организацијата на податоците и информациите за лековите се заснованаи врз анатомско-тераписко-хемиска класификација на лековите (АТЦ). На тој начин се постигнува повисок степен на унификација на битните параметри за поефикасно функционирање на здравствениот, односно фармацевтско-информативниот систем, како и следење на останатите индикатори за унапредување на националната политика за лекови.
Содржината на регистарот е поделена во четири дела. Првиот дел ги содржи регистрираните лекови во Република Македонија под заштитено име по абецеден редослед со идентификациски податоци и режим на дозирање и издавање; вториот дел содржи список на лекови по генеричко име; третиот дел содржи список на лекови по АТЦ класификација, додека четвртиот дел содржи список на лекови по производители.
На здравствените работници им го даваме во употреба овој регистар на лекови со желба да биде прифатен од нив како помош во секојдневната работа при препишувањето и издавањето лекови и со секое ново издание да придонесе за зголемување на ефикасноста во информирањето.
Министерство за здравство
Биро за лекови
Директор
Прим. м-р фарм. Илчо Захариев
|